петок, февруари 08, 2008

Конечно!!! Мојата книга ,,Писателот Варски и други раскази,, е објавена на сајтот на creative commons и на сајтот на метаморфозис.




Ова е изјавата по повод објавувањето:

„Писателот Варски и други раскази“ е првото литературно дело на Душко Гошевски, повеќе познат како Дуле Варваринот од Валандово, кое од денес стана достапно за преземање преку Интернет во пдф формат. Книгата е заштитена со Криејтив комонс лиценца, благодарение на која секој заинтересиран читател, може да ја преземе, прочита, умножува и адаптира, се додека правејќи го тоа, го наведува авторот на делото и истото не го користи за комерцијални цели.

Ова дело тој го пријави на конкурсот за најдобра дебитантска проза „Новите: 2007“ во организација на издавачката куќа Темплум, при што влезе во потесниот избор за главната награда. Најголем дел од содржините во книгата се презентирани на неговиот блог, каде што покрај раскази и поезија можат да се најдат и мислења и критики за книжевноста, уметноста и музиката. Книгата се уште нема доживеано печатено издание, но авторот е – како што вели самиот – „непоправлив оптимист“.

„Од секој пат сум пишувал само за литературата“, вели Душко Гошевски. „Не знам зошто сега би било поинаку, односно зошто мојот бунт и резигнација да го пренесувам во оваа вест каде што треба да стои моето задоволство и радост што имам можност и начин да го презентирам моето творештво. Се надевам дека идните млади писатели на кои исто така им ја посветувам оваа книга, нема да го минуваат истиот пат по кој сега одиме ние, торпедираната младина од кич, неталент и бедна мисла, која се обидува да твори под некое неимуно стаклено ѕвоно кое мислиме дека не штити.“

Книгата е поделена на пет дела. Првиот дел е најобемен и е 50 процентно автобиографски. Во него, авторот ги опишува „сјајот и бедата на студентското живеење од очите на еден провинцијалец“ или „сељак“ – како што вели дека поинаку го нарекувале. Вториот дел се состои од експериментални текстови групирани под насловот Perpetuum mobile. Понатаму следуваат „Ѓоа Трилерите“ – мала пародија на жанрот. Четвртиот дел претставува мешавина од уметност и класика, додека петтиот дел е „поезија откорната од душата“...Поставувајќи ја својата читателска публика сосема непосредно пред делото, Дуле Варваринот порачува: „Уживајте“...






Многу благодарност до луѓето во CC и Метаморфозис, прекрасни сте!!!

Нема коментари: