недела, април 22, 2007

Конечно заврши.Едвај чекав

Заврши најлошиот( бар откако јас почнав да одам5-6 години) саем на книгата досега.Мислев да пишувам некоја критика, импресии ова она ама си велам дај батали.Само ќе нафрлам неколку работи.Ако постот е лош тоа не е заради мене, туку под влијание на Саемот.

НЕГАТИВНИ:

- Цените беа - кај Матица поскапи, кај Слово исти , кај останатите со минимални попусти.
- Имаше две НАЈнови романи од Роберт Ладлам.Тоа се 5 и 6 по неговата смрт.(Почина пред шест години).Се чудам како стално му наоѓаат необјавени романи.
- Оние девојки и момчиња што беа вработени, барем повеќето беа изгубени не само на штандовите и во насловите туку чинам и во просторот .Се кладам дека немаат прочитаноповеќе од две книги во изминатава година.
НЕМОЈТЕ ДА МИСЛИТЕ ДЕКА АКО НЕ НАБРОЈУВАМ НЕМА ПОВЕЌЕ НЕДОСТАТОЦИ.НЕДОСТАТОЦИТЕ СЕ ГОЛЕМИ, НЕ МОЖАМ ДА НАБРОЈУВАМ ИЛИ СДПОРЕДУВАМ СО ДРУГИТЕ САЕМИ.


ПОЗИТИВНИ:

-Новите 4 изданија на Темплум и нивниот попуст од 30%
- Изданието на Ѓурѓа ,,Татарска Пустина,, од Буцати
- ,,ИЛИ - ИЛИ,, со попустите од 20-30% и Новиот преведен роман од Улебек( Го читав и Вуди Ален - Човекот е НЕСЕКОЈДНЕВИЕ)
- Конечно иако скапи сепак купив неколку романи од Табернакул - Кундера,Селимовиќ...
- И толку ...

сабота, април 14, 2007

Кучињата си лаат , карванот си врви

Само што прочитав еден одличен и доста елоквентен пост за саемот на книгата кај Tanya , којa на еден луциден и сатиричен начин ги ,,разголи,, проблемите околу издавачите и понудата за овогодишниот саем. Секоја чест, наполно се согласувам со неа и сакам да го дополнам околу уште еден промлем, појава која што се врзува со овој настан и кој на ист начин е болна и страда од стереотипност.Тоа е медиумската презентација на овој настан.
Далеку од тоа овој на стан да не е покриен од медиумите, напротив постојано е застапен во речиси сите наши медиуми. Проблемот е во следното:
- Од денес натаму сите медиуми ќе известуваат за Саемот на книгата но притоа истовремено ќе ја повторуваат статијата ( напишана можеби 199х) и секојдневно без некои свежи информации ќе трујат една те исто.
- Вокабуларот на оние кои ќе известуваат од таму нема да се разликува од еден до друг ден, од еден до друг презентер или известувач.
- Разни славни личности ќе го посетат саемот политичари,пеачи, политичари, глумци, политичари, стилисти политичари итн што ќе бидат и вести на денот кога ќе се преентитаат тековните случувања.
- Ќе ги оплакуваме издавачите претставени како жртвени јагниња, тие ќе се согласат со констатираното и ќе ја пофалат луцидноста на новинарот кој еве успеал да ги разбере.
- Дури и секој ден да биде претставуван по некој настан тоа е толку површно и несуштински што понекогаш и не ги дочитувам статиите посветени на Саемот.
- Ќе се отворат темите
- Читаат ли македонците? - Па во последно време се следи нагорна линија дрн дрн
- Што читаат македонците? - Претежно бестселери но не се ретки и оние кои сакаат да прочитаат некоја вредна литература дрн дрн
- Дали се скапи книгите? Да но ние сме мала земја и немаме големи тиражи дрн дрн.
И уште неколку слични теми кои ќе згаснат со денот на официјалното затварање на Саемот и ќе се префрлиме на друга тема, можеби ПДП ќе влезе во власта?
Суштински нема да се загребе под површината, Матица ќе констатира одличен саем, помалите ќе си ги отплатат тезгите и така натаму се до идниот.
Досадно и бедно, она зборување за бројот на издавачи 200-300 некои од ракав извадени бројки па макар и да се точни не знам што менува тоа.
Баш сакам да видам дали некој млад и амбициозен новинар ќе се дразне да завлезе во суштината на проблемот, цел, опсежен не само во смисла на овој или постот на ОКК, туку и подлабоко и посмело за сите пропратни појави од кои боледува книжевниот живот кај нас па ако треба и преку повеќе фељтони за време на саемот.

среда, април 11, 2007

тенки иверици

Постојано ги одбегнувам дневнополитичките теми, сториите , комерцијалните блуеници на нашата естрада, ,,независноста,, на медиумите и сл. Мислам и да продолжам со чистината и бистрината на префинетата книжевност, на безвременската класика или уметничките правци.
Но поѓаволите луѓето почнаа да крадат деца од мајките, камбани од црквите, пари од иконите.
Уште колку ќе се издржи?

петок, март 23, 2007

Што не очекува во книжевната 2007

Ја разгледував годишната програма на министерството за култура, во однос на издаваштвото.Се сеќавате претходната програма беше укината, и со нова комисија се усвои и нова програма. Нема да навлегувам подлабоко во таа тема , која ,мислам дека беше доволно присутна и во јавноста и во медиумите во смисла на своите недоследности, поплаки како и пофалби за енергичноста и решеноста на владата да ја слуша општата клима кај издавачите, па да овозможи поголема транспарентност и опфатеност. Да појаснам на никој не му пречи јавната дебата по ова прашање, напротив добредојдена е. Друго нешто ме копка.Сите пишуваат за средствата, за финансиите, па за членовите не комисиите нивната (не) компетентност и слични па би рекол и побанални прашања.Побанални во однос на она са што решив да пишувам овде.
А тоа е ,,Програмата за 2007,, .Се сеќавате нели? За тоа зборувавме и за тоа се кршеа копјата цела зима. А никој, речиси никој не навлезе и постудиозно и подлабоко во суштината на таа програма , во она што таа го нуди, нејзините цели и.т.н. Почекав да стивне малку атмосферата и кога тоа прашање исчезна ( и неговото место го зазедоа други дневнополитички активности) решив да презентирам дел од неа, барем она што ми е поинтересно. И јас нема да задирам во длабочините на оваа проблематика( барем не сега) делумно заради мојата некомпетентност иако имам право како граѓанин,студент и даночен обврзник, а делумно поради недоволната упатеност во работата на издавачките куќи.
Затоа ќе презентирам неколку дела кои ќе бидат поддржани годинава од Министерството за Култура а кои мислам дека вредат да бидат издадени.Не дека за останатите не мислам така, секоја книга си има своја вредност и од нејзиното постоење нема никаков зијан, но сакам да ги издвојам моите омилени наслови. И уште нешто нема да објавувам од кои издавачки куќи ќе бидат објавени, тоа можете да го видите на сајтот на Министерството за култура.
Џејмс Џојс, “Потретот на уметникот во младоста”
Салман Ружди, “Исток, Запад”
Дино Буцати, “Татарска пустина”
Умберто Еко, “Отворено дело”
Франц Кафка, Преобразба и други раскази ( баш се израдував за нив)
Ернесто Сабато, “Херои и гробови”
Секако и некои македоснки автори кои не ги спомнувам за да не ги разгорувам страстите (болна тема) , но морам да речам дека со нетрпение ја очекувам книгата
од Проф.Др Ферид Мухиќ ,,Расата на филозофите,,.
Искрено се запрепастив кога видов дека на територијата на Република Македонија фигурираат безмалку 40 списанија од оваа или други блиски области. А јас едвај мижам да најдам две-три. Не можам да зборувам за нивниот квалитет, но мислам дека во нормалниот цивилизиран и развиен свет списанијата се продаваат и читателите ги купуваат и потоа ги читаат и би сакал оваа практика што поскоро да се востанови и овде.Јас воопшто немам проблем со плаќањето на тие списанија, јас имам проблем со нивното пронаоѓање.Затоа од утре имам официјална ,,Индијана Џонс,, мисија и сум во потрага по книжевни списанија а благовремено ќе ве известувам и вас за моите пронајдоци.
Слободно можеме да дискутираме на оваа тема, дали ви се допаѓаат финансираните изданија, дали требало и некои други да влезат на оваа листа, но мојот став е познат и претежно сседржам на ова што го напишав погоре.


среда, март 07, 2007

НАПРЕЕЕЕД!!!!

Со задоволство можам да истакнам дека расказот


го освои третото место на ЈАНУАРСКО - ФЕВРУАРСКИОТ - електролит конкурс. Исто така ќе биде објавен во ,,Маргина,, ( што всушност е мојата најголема сатисфакција).

Уште кога го презентирав на блогот напишав:

,,Нај дво, тро ( повеќе) смислениот расказ што сум го напишал.Повторно во еден вид експериментална форма.,,

Критиката пак на жирито( која навистина продре до сржта на идејата) е :

Гошевски Душко го заслужува третото место со кусиот расказ „Напреееед!!!“ во кој некој нејасен ентитет (да го наречеме народ, или да не ја откриваме веднаш пораката на расказот:) е во уште понејасно движење кон нејасното напред. Прекрасна метафора, успешно спастрена во само еден пасус или неколку редици текст, во кои авторот кажува сè, а сепак не толку многу да ни го разоткрие дуалното значење на пораката.

Со тоа е остварен еден мој сон, иако за некои ситен сепак многу драгоцен, кој ме исполнува и ме тера да продолжам напред.НАПРЕЕЕЕД!!!

П.С Иако мислев дека Љубовно крешчендо ( еротика) и Проклетството на четворката ( трилер/хорор) имаат берам еднакво исти шанси поради поинтересната ( но и покомерцијална) содржина.

вторник, февруари 06, 2007

Научното цунами ќе не одмине

Најпрво малку историја:
Во далечната 1988 на еден состанок во Вашингтон 33 ентузијасти од различни професии; изтражувачи, правници,метеоролози, картографи... одлучиле да го формираат друштво ( сега веќе институцијата) National Geographic Society, под водство на Gardiner Greene Hubbard. Останатото е историја.

Би сакал да напишам нешто за продорот на ова списание на Балканот.

NGM во ХРВАТСКА

Во ноември 2003 година на хрватските граѓани им се случи ( според нив) најубавата работа во последните 10 години. Излезе првото списание на хрватски јазик со што таа стана 25 членка на оваа организавија.Интересот беше наверојатен, за само три месеви ова списание нанижи 10.000 членови( претплатници) и секој ден бројката се зголемува.Сега излегува во тираж од 35000 примероци.
Додека бев во Хрватска и самиот се уверив во еуфоријата што ја предизвика NGM. Списанија, сликовници, ДВД, маици, ранци се со жолтиот оквир. При еден разговор со еден мал пријател од Сплит кој неодамна заврши основното образование тој ми извади и ми подари неколку броеви од списанието.
- Кај нас ова се користи како додатна настава.
Не можев да поверувам, ова е навистина одлична идеја. Додека се развиваат децата се како сунгери кои што впиваат се околу себе, жедни за знаење. Сунгери во морето на NGM.
NGM Хрватска од неодмна има свој блог
Со среќа нека им е.


NGM во БУГАРИЈА.

Пред некој ден додека го читав завршниот збор на Уредникот на NGM Chris Jones ме изненади пријатно статијата. Пишуваше за неверојатниот интерес на Списанието во Бугарија по само една година издание. Значи на крајот од 2005 година Бугарија го доби својот NGM магазин. Со алал нека им е.
Покрај тоа излезе и статија со наслов ,,Бугарска златна грозница" подготвена од A.R.Wilijams, во која Бугарија е претставена како ризница на културни артефакти и како Елдорадо за плачкашите. Во разговор со Бугарскиот археолог Китов, откриено е значењето на Бугарија за светската цивилизација, и тоа во статија која ѓе го обиколи светот и ќе донесе голем меѓународен углед на Бугарија.
Со среќа нека им е.

NGM во СРБИЈА.

Во ноември 2006 србија стана 29 земја која се проклучи на оваа организација. Списането кое започна да излегува лично беше поздравено од Претседателот Тадич, и од целокупната јавност. Прославата се одржа на 25 октомври во Земун, и додека се уште трае еуфоријата во Србија,NGM започна да ги истражува благодетите на овој пребогат со култура Балкан, со цел да им го претстави на светот во поинакво светло.Уште во вториот број беше публикувана стара статија насловена како ,,Kraljestvo nezavisne srbije" од A.S.Idings која датира уште од 1912.Сликите на тогашен Белград ( од Noks Merejen)
Нека им е со среќа

Ние не свативме дека преку едукација и образование, како и преку претставување на нашето културно богатство, нашите природни убавини и историја е нашата единствена шанса за просперитет на МАКЕДОНИЈА. Ние ја пропуштаме нашата шанса.
Затоа да апелираме, да предложиме, да молиме и вриштиме за NGM на МАКЕДОНСКИ

четврток, јануари 25, 2007

Кој го дрпна Џемс џојс?

За почеток сакам да цитирам двајца блогери кои го наговестуваат и мојот став и она што сакам да го напишам.
Прво тоа е Мечето ушко кој во својот пост за Итало Калвино вели

Во продолжение ќе Ви преставам еден од моите фаворити, пистели кои со задоволство сакам и уживам да го читам. Овој пост воедном е и мојот јавен протест за шундот од книги кои се преведува и се пласира на нашиот книжевен пазар како бест селер. Погледнете ја само палетата на преведени книги од Матица кои деновиве се нудат на распродажба. Шунд книги која од која. Значи ако сакате стварно да читате читајте го Мечето Ушко и следете го.

Веднаш потоа со сличен ( веќе познат став ) излезе и Букарски кој во својот пост со сосема друга тематика вели:

п.с. иако, кога гледав како во “Матица“ сите се грабаат за шунд-бестселерите од типот “темплари, масони, циашки дневничиња и исповеди на руски ороспивчиња“ не се зажелив толку и мене да ме купуваат. да бидам појасен, не би се радувал кога “Падобранот..“ би станал таков бестселер, не сакам секоја будала да може да ја чита мојата книга.не, тоа никако. но, барем да ја има, да постои на рафтот, за одбраната читателска публика да може да допре до неа. „

Иако мојот став не е толку ригиден, се водам од максимата - со оглед на тоа каде живееме подобро е луѓето да читаат било што одколку ништо - сепак морам да го изразам моето незадоволство.Како прво, покрај овие јајце на јајце исти бестселери, треба да вложи напор кон промоција на вистинската литература.Било современа било класична. Веќе пишував за Пруст.Го чекаме Уелбек. Ќе пишувам и понатаму.
Второ па макар и бестселерите, кои чинат по 10-12 евра ( толку се и во САД зирнете низ мрежата) сега се намалена на пристапна и нормална цена од 150-200-250 денари и тоа се најавува како невидено намалени, дрн дрн и ,,тако дање,,.Пази наслови,
Но од оваа кампања може и нешто да се научи, а тоа е дека во ова постмодерно време во овој свет на глобализацијата, рекламата и маркетингот го вртат светот, ги продаваат продуктите, и треба да се оттргнеме од мислењето дека ,,комерцијалата е кичерај„.
Што Енди Ворхол и неговата фабрика се кичерај?
Вуди Ален е кичерај?
Нора Џонс е кичерај?

А најинтересно беше што пред влезот на матица има една корпа, канта во која се нафрлани книги и пишува СЕ ПО 50 ДЕНАРИ. Сите ја одминуваат, никој не ни погледнува кон неа.Ај си велам да зирнам што има внатре.Претам преку досадните поетски изданија и гледам ,,ДАБЛИНЦИ„ од Џемс Џојс , понатаму ,,ПОРТНОЕВАТА БОЛКА„ од Филип Рот. Се по 50 а? Иронијатата е чудна работа.
Се враќам со автобус, до мене и пред мене три пријателки седат и разговараат.
- Нема зошто да ја копираш, ќе ти ја дадам за две недели.- ја разгледува, не можев да го зирнам насловот, нешто за уредување на животот ли, на домот ли, некаков советник кон животот.
- Ова е прекрасно, едноставно прекрасно. - коментира пријателката што седеше до мене.Се свртува таа пред нас ме гледа мене, јас пак во рацете го имав ,,Двојник„ од Достоевски, баш го разлистував. Ме погледна како лепрозен. Добро е си велам и да имаме омраза нека е литературна барем да не е верска, или етничка.
Ќе завршам со еден коментар. Шетаме со еден драг пријател по саемот, секаде изложени книги, со ,,интересни содржини„ ( ќе најдат, нели, древно писмо, со кодови, моќна организација ги трчка тие бегаат и на крај го спасуваат светот од страшната вистина). Едно време по повеќе минутно вртење-сукање вели:
- КАЈ СЕ КНИГИТЕ ДА ГО ЕБАМ?